Последната средба на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Бугарија и Македонија, одржана на 5 и 6 ноември во Скопје, поминала „на веќе познатиот начин – без резултат“, соопштија за новинската агенција БТА бугарските членови на Комисијата.
По бесплодната дискусија за претставувањето на Охридската архиепископија во учебниците по историја во Северна Македонија, бугарските претставници во Комисијата повторно предложиле да се одбележи делото на Дамјан Груев, кого го опишуваат како симболична личност од заедничката историја на двете земји. Во декември 2026 година се навршуваат 120 години од неговата погибија.
Според бугарските членови, претставниците на Република Северна Македонија во Комисијата повторно ја „премолчиле“ иницијативата. Наместо тоа, прочитале однапред подготвен текст за заедничко одбележување на отпорот против антисемитизмот, фашизмот и националсоцијализмот, кој започнал во двете земји во 1941 година.
Предлогот бил одбиен со образложение дека тој отпор се чествува низ цела Европа и не треба да се ограничува на двете држави, како и дека Комисијата сè уште е сосредоточена на прашања од 11 век, соопштија за БТА бугарските членови на Историската комисија.
И на последното заседание, петто годинава, бугарската страна потсетила на очекувањата на Европскиот парламент и Европската комисија за видливи резултати од работата на Заедничката историска комисија меѓу Бугарија и Северна Македонија.
Во извештајот на Европскиот парламент за напредокот на Северна Македонија беше наведено дека „силно се охрабрува Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија да постигне јасни и видливи резултати; текстовите треба да го одразуваат толкувањето на историските факти и личности од заедничката историја на двата народа, засновано врз објективни и автентични историски извори и документи поткрепени со докази, научно толкување и историски документи, како што е предвидено во Вториот протокол кон Договорот за добрососедство со Бугарија“.
Во извештајот на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија, претставен пред неколку дена, исто така се наведува дека Историската комисија одржала четири средби меѓу септември 2025 и март 2026 година, но без конкретни резултати.
Следното заседание на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања ќе се одржи на почетокот на декември во Софија.









