Бизнисите на Јорданчо Јанев – Дано, баџанак на премиерот Христијан Мицкоски, беа во фокусот на денешната собраниска седница за пратенички прашања, на која лидерот на Левица, Димитар Апасиев, изнесе низа прашања за фирмите поврзани со Јанев, неговите деловни активности во Македонија и Бугарија, како и за донации кон ВМРО-ДПМНЕ.
Апасиев презентираше податоци за најмалку шест компании поврзани со Јанев, од кои четири во Македонија и две во Бугарија. Меѓу нив ги наведе „Дано транс“, „Интерпласт груп“, „Шалом фуд груп“, „Шалом деливери“ и „Д-Дигитал конто“. Тој посочи и на деловни врски со братучедот на Јанев, Дончо Карастоев, за кого рече дека е поврзан со дополнителна мрежа од компании.
„Овој баџанак на премиерот е многу плоден бизнисмен. Тој има и бугарско државјанство“, рече Апасиев.
Пратеникот се осврна и на тендер за угостителска услуга во Струмица, свечен ручек за 250 гости по повод празникот на Светите Тивериополски свештеномаченици. Според неговите тврдења, услугата ја добила фирма поврзана со баџанакот на премиерот. Апасиев праша дали станува збор за можен судир на интереси, особено во контекст на донациите за ВМРО-ДПМНЕ.
Тој наведе дека Јанев, според јавно достапните податоци, од 2019 година донирал вкупно 20.000 евра, а спомена и донација од 2.500 евра од лице кое го поврза со неговите деловни активности. Апасиев отвори прашања и за наводен имот во Струмица и можни деловни активности поврзани со државно земјиште и субвенции, но за дел од овие тврдења самиот посочи дека нема потврда.
„Колку овие донации се патриотизам, а колку се испран бугарски капитал“, праша Апасиев, барајќи објаснување за односите меѓу политиката, семејните бизниси и финансирањето на партиите.
Премиерот ги отфрли обвинувањата и го повика Апасиев да ги повтори пред медиумите, надвор од собраниската говорница, по што, како што рече, ќе можат да се соочат на суд.
Мицкоски потврди дека Јанев му е баџанак, објаснувајќи дека нивните сопруги се сестри. Тој ја оспори и информацијата за бугарското државјанство на Јанев, тврдејќи дека тој го поседува уште од 2003, а не од 2017 година.
Премиерот рече дека Јанев потекнува од семејство на стечајци и дека неговиот бизнис започнал со камион што му го дал татко му, откако останал без работа во фабриката „Треска“. Според Мицкоски, Јанев потоа го развил сопствениот бизнис, кој постои повеќе од 25 години.
Мицкоски праша зошто би било спорно ако Јанев има бизниси во Бугарија, доколку средствата што ги заработува ги носи и ги троши во Македонија. Тој оцени дека вложувањето на пари заработени во странство во домашната економија треба да се гледа позитивно.
Во продолжението на одговорот, премиерот упати критики кон Апасиев за неговиот однос кон празничниот настан во Струмица и кон финансирањето на партиите. Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ има илјадници донатори, членови и симпатизери, а истовремено изнесе обвинувања за финансиските активности на политички противници.
Во контрарепликата, Апасиев повторно ги отвори прашањата за деловните релации на Јанев и покажа фотографии на кои тој е во друштво на Мицкоски и на поранешниот премиер Зоран Заев.
Тој му возврати на премиерот со лични критики поврзани со неговиот имот и скапите часовници, нарекувајќи го „инфериорен сноб“. Апасиев се осврна и на претходен судски спор за клевета, тврдејќи дека Мицкоски сè уште должи судски трошоци.
На крајот, лидерот на Левица најави дека партијата има дополнителни документи и информации поврзани со прашањата што ги отвори, но дека засега нема да ги објави.







