Основното јавно обвинителство Тетово побара притвор за 20-годишникот од селото Голема Речица, кај кого при претрес биле пронајдени 29 видеа со експлицитна содржина во која се прикажани полови дејствија меѓу возрасни лица и деца.
Според денешното соопштение од Обвинителството, видеата биле откриени во скриен фолдер на еден од двата мобилни телефони одземени при претресот, извршен со судска наредба. Поради овој наод, против 20-годишникот се води истрага и за кривичното дело „Производство и дистрибуција на детска порнографија“ од член 193-а од Кривичниот законик.
Обвинителството спровело повеќемесечни предистражни дејствија, при што биле обезбедени докази и за сомнение за компјутерска измама и злоупотреба на лични податоци.
Според истрагата, осомничениот во периодот од 2025 до 2026 година администрирал нелегална група на апликацијата „Телеграм“, преку која нудел услуги и софтверски алатки за компјутерски измами, вклучително и незаконско враќање парични средства.
Тој е осомничен и дека администрирал домени и веб-страници поврзани со платформата „OLVX“, нелегален онлајн пазар преку кој се продавале украдени лични податоци, пристапни акредитиви за кориснички сметки и алатки наменети за компјутерски криминал. Во периодот на функционирање на платформата биле понудени повеќе од 1.500 украдени пристапни податоци на физички и правни лица.
Поради опасност од бегство и можност осомничениот да продолжи со вршење кривични дела, јавниот обвинител доставил предлог за определување мерка притвор до судија на претходна постапка при Основниот суд во Тетово.
МВР и ФБИ разбија сајбер-мрежа за продажба на украдени податоци, осомничен 20-годишник од Тетовско








