Државниот пазарен инспекторат ќе спроведува засилени вонредни инспекциски надзори кај трговците низ земјава по повод најавените попусти и продажни акции за „Black Friday“ (Црн петок). Инспекторите ќе проверуваат дали намалувањата на цените се реални или станува збор за попусти само на хартија.
Контролите ќе бидат насочени кон законитоста на продажните акции, начинот на огласување, означувањето на цените и информирањето на потрошувачите за условите под кои се продаваат производите.
Посебно внимание ќе се посвети на продажбата на апарати за домаќинство, бела техника, електронски уреди, мобилни телефони, компјутерска опрема, облека, обувки, мебел и други производи кои во овој период се нудат со намалени цени.
Инспекторите ќе проверуваат дали трговците ги зголемуваат цените непосредно пред продажните акции за потоа да прикажат поголеми попусти, дали рекламирањето е точно и дали потрошувачите добиваат реални информации за цените и условите за купување.
Од Инспекторатот апелираат до трговците да ги почитуваат законските обврски и транспарентно да ги прикажуваат цените, а предупредуваат дека при утврдени неправилности ќе бидат преземени соодветни инспекциски и законски мерки.
Граѓаните кои ќе забележат лажни попусти или други неправилности можат да ги пријават на бесплатниот телефонски број 191.









