Уставниот суд не поведе постапка по иницијативата на Левица и Демократи, кои ја оспоруваа уставноста на Изборниот законик во делот на платеното политичко рекламирање, со образложение дека Собранието има право со закон да решава на кој начин ќе бидат доделувани пари на партии за изборните кампањи и дека веќе имало претходна судска одлука за истите оспорени одредби.
Во однос на Изборниот законик, претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, рече дека мнозинството судии останале на ставот дека станува збор за веќе пресудена работа бидејќи истите одредби биле предмет на уставно-судска оцена и во минатото.
„Судот не поведе постапка. Некои од судиите останаа конзистентни на претходно заземениот став дека станува збор за res judicata, односно пресудена работа“, истакна Костадиновски.
Тој лично сметал оти оспорените одредби од Изборниот законик се неуставни и дека создаваат нееднакви услови за политичките субјекти, но мнозинството судии останале на претходно заземениот став дека за ова прашање веќе е одлучувано.
Костадиновски потсети дека уште пред три години издвоил мислење во кое навел дека спорните одредби ги нарушуваат политичкиот плурализам и еднаквоста на политичките субјекти во изборниот процес.
„По мое длабоко убедување, овие законски решенија не создаваат фер и еднакви услови за сите учесници во изборната трка. Плурализмот не завршува со денот на изборите. Тој подразбира еднакви услови за сите политички субјекти што учествуваат во демократскиот натпревар“, појасни претседателот на судот.
Како спорен го оцени и критериумот според кој се распределуваат буџетските средства за финансирање на политичките партии врз основа на резултатите од претходните избори.








