Пратениците на СДСМ и коалицијата поднесоа барање до претседателот на Собранието, Африм Гаши, веднаш да свика итна седница за постапувањето на институциите во спречувањето на насилството врз жените и семејното насилство. Барањето е поднесено во саботата, откако жена од Гостивар синоќа била донесена во Клиничкиот центар во Скопје во животозагрозувачка состојба по пријавено семејно насилство.
Од СДСМ истакнуваат дека е доста од институционален молк и неодговорност и бараат Собранието да утврди конкретни мерки и рокови. Според наводите од партијата, само од јануари до октомври годинава МВР регистрирало 1.897 настани поврзани со семејно насилство, при што повеќе од 80 проценти од жртвите се жени. Оттаму изјавија дека министерот Панче Тошковски одамна требало да поднесе оставка.
МВР и Обвинителството договорија итна координација при секое семејно насилство
Претходно во петокот, Мрежата за заштита од дискриминација го прозва министерот Тошковски на својот ѕид на срамот поради недонесените измени на осум закони за заштита од семејно насилство. Оваа невладина организација побара од ресорниот министер да се заложи за усвојување на предложените законски измени до 10 декември и јавно да ги објави роковите за доставување на останатите измени до Собранието.
Од Мрежата за заштита од дискриминација потсетуваат дека работна група била формирана по случајот во Карпош, каде што загинаа Ивана Јовановска и нејзината ќеркичка Катја, за што на 12 години затвор бил осуден Стојанче Јовановски. Во врска со овие барања, претседателот на Собранието Гаши изјави дека предлог-измените сè уште не се ставени на дневен ред бидејќи материјалите се испратени на мислење до Владата.
Министерот Тошковски најави и два нови проекта за превенција и заштита од семејно насилство. Тие предвидуваат потенцијалните жртви да можат да воспоставуваат видеоповици со МВР и со ЦУК, додека полициските службеници до средината на 2027 година да бидат опремени со боди-камери што ќе испраќаат видеосигнали директно до командните центри.









