Евроамбасадорот Михалис Рокас не ја исклучува можноста некоја земја членка на Европската Унија да ја блокира Северна Македонија во текот на пристапните преговори, дури и по усвојувањето на уставните измени. Сепак, тој порача дека Унијата има цел веднаш по исполнувањето на оваа обврска да го забрза процесот и да овозможи отворање на првиот преговарачки кластер.
„Во пристапните преговори некоја земја членка може да нè изненади со нешто што не сме го предвиделе. Веќе гледаме што се случува меѓу Хрватска и Црна Гора“, рече Рокас во емисијата „360 Степени“ на МРТ, одговарајќи на прашање дали Бугарија би можела повторно да стави вето поради несогласувања во работата на Историската комисија.
Тој нагласи дека не сака да шпекулира за можните потези на земјите членки, но оцени дека напредокот во реформите, владеењето на правото, борбата против корупцијата и добрососедските односи може да создаде позитивна динамика во преговорите.
Рокас откри и дека целта на ЕУ е по усвојувањето на уставните измени да се одржат две меѓувладини конференции една по друга, во ист ден. Со првата би се заокружило отворањето на пристапните преговори, а со втората би се отворил кластерот „Темели“, кој ги опфаќа владеењето на правото, демократијата и човековите права.
За отворањето на кластерот потребни се три документи: патоказ за реформа на јавната администрација, патоказ за владеење на правото и Акциски план за малцинствата. Според Рокас, патоказот за јавната администрација е практично завршен, додека на другите два документа сè уште се работи.
Евроамбасадорот ги поздрави и тековните консултации меѓу Скопје и Софија, оценувајќи дека тие можат да придонесат за подобро разбирање и градење доверба.
Тој повтори дека проширувањето има големо геостратешко значење за Европската Унија и дека во тој процес целосно е вклучена и Северна Македонија.









