Просечната нето-плата во земјава се приближи до 50 илјади денари. Во септември работниците во просек добиле по 49.141 денар, што е зголемување од 8,1 отсто во споредба со истиот месец минатата година, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.
Растот на платите не бил подеднаков во сите дејности. Најголемо годишно зголемување е забележано кај вработените во секторот за снабдување со вода, управување со отпад и слични дејности, каде платите биле повисоки за 11,6 отсто.
Значителен раст има и кај административните и помошните услужни дејности, со 10,6 проценти, како и во трговијата на големо и мало и поправката на моторни возила и мотоцикли, каде зголемувањето изнесува 10 проценти.
Податоците на ДЗС покажуваат дека раст на просечната нето-плата имало и во споредба со август. Најизразено месечно зголемување е регистрирано во рударството и вадењето камен, за шест проценти. Во преработувачката индустрија платите пораснале за три проценти, а во јавната управа и одбраната, заедно со задолжителното социјално осигурување, за 2,5 проценти.
Просечната бруто-плата во септември изнесувала 73.940 денари.








