Директорот на НУ „Историски музеј“ – Крушево, Миха Оџаклиески, поднесе неотповиклива оставка по реакциите во јавноста за снимањето на музичкиот спот „Секси мама“ во споменикот „Македониум“.
Оџаклиески во оставката наведува дека одлуката ја носи како личен, морален и етички чин и како преземање одговорност кон институцијата и јавноста.
Случајот се отвори откако во „Македониумот“, кој е заштитено културно наследство, биа снимени делови од спотот на косовскиот рапер Дон Џони. Просторот бил отстапен за снимање за надомест од околу 500 евра, а од музејот претходно беше објаснето дека за користењето на објектот постоела одлука на Управниот одбор.
Во оставката Оџаклиески тврди дека при постапката не бил прекршен закон, правилник или друг акт, ниту пак била прекршена одлука на Управниот одбор. Според него, станувало збор за практика која и претходно се применувала во институцијата.
Сепак, тој признава дека бил направен ненамерен пропуст во проценката за тоа како ваквата постапка може да биде разбрана од јавноста. Како директор на јавна установа, наведува дека чувствува морална одговорност и затоа одлучил да се повлече од функцијата.
Во оставката Оџаклиески упатува и извинување до јавноста, нагласувајќи дека угледот на Историскиот музеј во Крушево и довербата на граѓаните се поважни од секоја функција.
Оставката следува откако премиерот Христијан Мицкоски најави дека ќе побара разрешување на директорот и на членовите на Управниот одбор на институцијата, под чија надлежност е „Македониумот“.
Мицкоски претходно оцени дека ваков тип објект, кој има големо историско и културно значење, не треба да се користи за снимање содржини како спорниот музички спот.
По оставката на Оџаклиески, останува да се види дали ќе следуваат и промени во Управниот одбор на Историскиот музеј во Крушево.








