Полициски екипи денеска спроведуваат акција во просториите на скопската компанија „Макстил“, каде што се вршат проверки на примероци од почвата и од одредени суровини поради сомнежи за можни кривични дела од областа на еколошкиот криминал.
Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека активностите ги спроведува Единицата за економски криминал и корупција при СВР Скопје, врз основа на претходно добиени оперативни информации и наредба од јавен обвинител при Основното јавно обвинителство Скопје.
Целта на контролата е да се утврди дали постојат неправилности поврзани со почвата и суровините во компанијата. Од МВР најавија дека јавноста ќе биде информирана по целосното завршување на полициските активности.
Од Обвинителството засега не се соопштени дополнителни детали за случајот, ниту е потврдено дали досегашните проверки укажуваат на конкретни прекршувања или кривична одговорност.









