Повеќе од една година мамографот во поликлиниката „Букурешт“ не е во функција, а решение за проблемот сè уште нема. Иако установата опслужува околу 70.000 граѓани, потребната опрема не е обновена, а Министерството за здравство сега најавува дека ќе се обиде да обезбеди нов апарат.
Министерот за здравство Сашо Клековски денеска призна дека досегашното образложение за нефункционалниот мамограф е незадоволително. Како причина за одложувањето на набавката ги посочи финансиските можности на Здравствениот дом – Скопје, кои не се доволни за потребната инвестиција.
„Образложението е прилично тенко. Набавката што е потребна за мамографот ги надминува можностите на Здравствениот дом – Скопје, односно ја надминува вредноста на самиот апарат. Ќе направам напор што поскоро да го ставиме во планот за набавки“, изјави Клековски.
Тој најави дека набавката ќе се разгледува во рамки на претстојниот проект со Европската Унија, чија постапка треба да биде објавена овој месец, а доколку тоа не биде можно, ќе се оди со посебна набавка.
Досега Министерството набавило 10 нови мамографи, при што приоритет имале здравствените установи надвор од Скопје, поради поголемите дијагностички можности во главниот град.
Сепак, повеќе од една година без мамограф останува поликлиника која опслужува десетици илјади граѓани, во време кога здравствените власти постојано ја нагласуваат важноста на превентивните прегледи и раното откривање на ракот на дојка.
„Недозволиво е поликлиника која опслужува 70.000 граѓани да биде без мамограф“, порача Клековски.








