Речиси 20 тони македонски јаболка нема да стигнат до бугарскиот пазар, откако надлежните бугарски институции утврдиле дека пратката содржи остатоци од пестициди над дозволените законски граници.
Станува збор за пратка тешка 19.350 килограми, на која Бугарската агенција за безбедност на храната (БАБХ) ѝ забранила влез во земјата и издала решение за целосно враќање во Македонија.
„При лабораториското испитување е утврдено присуство на остатоци од пестициди над максимално дозволените нивоа“, соопштија од бугарската агенција.
Од таму посочуваат дека спорната пратка била откриена во рамки на засилените инспекциски контроли што се спроведуваат врз увозот на свежо овошје и зеленчук, со цел да се спречи пласирање небезбедна храна на пазарот.
Ова е втор случај во период од само една недела во кој бугарските власти запираат пратка македонски јаболка. Претходно, на 29 октомври, беше спречен увоз на уште 21 тон јаболка од Македонија, откако анализите покажале присуство на пестицид забранет за употреба во Европската Унија.
Со најновиот случај, вкупната количина на вратени македонски јаболка во овој период достигнува над 40 тони.
Бугарската агенција најави дека засилените контроли ќе продолжат, а засега не се објавени податоци за производителите, ниту за конкретните количини и видови пестициди утврдени во најновата пратка.








