Неформалната иницијатива „Ниту една повеќе“ денеска, на Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, организира протестен марш во Скопје, со почеток во 17 часот во паркот „Жена борец“. Под мотото „Кога институциите се глуви, да ги натераме да нè чујат“, организаторките повикуваат на масовна поддршка и конкретна институционална одговорност.
Протестот е посветен на борбата против насилството врз жените и девојчињата, фемицидот и, како што велат од иницијативата, неодговорното постапување на институциите. „Ова е протест на гнев и солидарност, на непомирување со фактот дека насилството е секојдневие“, порачуваат организаторките.
Македонија годинава го одбележува 25 Ноември со седум случаи на фемицид. Според податоците на МВР, во периодот од 2021 до 2025 година биле убиени 26 жени, а само во 2025 година биле регистрирани 4.745 пријави за семејно насилство.
Од иницијативата бараат итни законски измени и системски мерки за заштита на жртвите, подобро постапување по пријавите и одговорност за службените лица кои не реагираат соодветно. Меѓу барањата е и Собранието најдоцна до 10 декември да ги усвои предложените измени на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство.
Со предложените измени, полицијата би добила можност веднаш на местото на настанот да изрече мерки за заштита и да го отстрани насилникот од домот, вклучително и кога тој е сопственик на имотот. Предлогот е поднесен во август, но сè уште не е ставен на дневен ред во Собранието.
Протестот следува по маршот на 8 ноември и блокадата пред Владата на 20 ноември.









