Сингапурските министри се меѓу најплатените политичари во светот, а премиерот Лоренс Вонг заработува повеќе од четири пати над годишната претседателска плата на американскиот претседател Доналд Трамп. Сега Вонг ќе добие зголемување на платата од еден милион долари, откако богатата град-држава за првпат по 15 години одлучи значително да ги зголеми платите на министрите.
При објавувањето на одлуката во парламентот во вторникот, сингапурски претставник изјави дека зголемувањето е неопходно за да се привлечат квалитетни кадри во јавната служба, особено затоа што во последните години се зголемил јазот меѓу примањата на политичарите и раководителите во приватниот сектор.
Годишните примања на Вонг ќе се зголемат за речиси 64 отсто – од 2,2 милиони сингапурски долари (1,7 милиони американски долари) на 3,6 милиони сингапурски долари (2,8 милиони американски долари). Останатите министри ќе добијат зголемувања до девет отсто. Вонг вети дека во следните пет години ќе ја донира разликата од зголемената плата во добротворни цели.
Сингапур високите плати на државните функционери ги оправдува како важна мерка за спречување на корупцијата, која е широко распространета во некои соседни земји.
Сингапур го зазеде третото место на Индексот на перцепција на корупцијата на „Транспаренси интернешнл“ за 2025 година, кој го мери перципираното ниво на корупција во јавниот сектор. За споредба, САД се наоѓаат на 29. место.
Одлуката за зголемување на платите предизвика негативни реакции на социјалните мрежи во земјата, каде што високите министерски плати се чувствителна тема. Просечниот месечен приход минатата година изнесувал 5.775 сингапурски долари, односно околу 4.500 американски долари.
Политичкиот аналитичар и вонреден професор по право на Универзитетот за менаџмент во Сингапур, Јуџин Тан, оцени дека одлуката може да остави впечаток дека власта нема чувство за моментот или дека се работи за потег во сопствен интерес.
Тан додаде дека, иако повеќето Сингапурци разбираат дека министерските плати не можат да се споредуваат со највисоките примања во приватниот сектор, сепак тешко прифаќаат дека нивните политички претставници заработуваат толку високи суми.
Дури и пред зголемувањето, платата на Вонг беше значително повисока од 400.000 долари, колку што американскиот претседател годишно заработува пред оданочување. Таа беше и далеку над примањата на вториот најплатен функционер – шефот на извршната власт на Хонг Конг, Џон Ли, кој годишно заработува околу 719.000 долари.
Вонг призна дека станува збор за „тешко и емотивно прашање“ кое ќе биде под будното внимание на јавноста.
„Не можеме да го избегнуваме ова прашање само затоа што е политички тешко. Овде не станува збор само за плата. На крајот, прашањето е дали Сингапур и понатаму ќе има квалитетно политичко раководство кое ни е потребно за да ја водиме земјата напред и добро да им служиме на Сингапурците во годините што доаѓаат“, изјави Вонг во вторникот.
Неговата владејачка Народна акциона партија е непрекинато на власт од 1959 година. Партијата често добива пофалби за тоа што ја насочила малата држава кон економски просперитет, но истовремено е критикувана поради ограничувањето на политичките неистомисленици.









