Премиерот Христијан Мицкоски беше првиот повикан да одговара на прашањата на пратениците на надзорната расправа во Собранието за случајот со „Алта банка“. На почетокот на седницата тој рече дека не му е јасно во кое својство е повикан, но дека ќе одговори на сите прашања.
„Во принцип, сè уште не можам да сфатам кое е моето својство денеска, но бидејќи сум поканет, ќе се обидам во рамките на моите можности и информации со кои располагам да дадам соодветен одговор“, изјави Мицкоски.
Премиерот повтори дека банката нема да банкротира и дека е оптимист оти ќе добие нов сопственик и ќе продолжи да работи. Тој нагласи дека Владата е заинтересирана да се зачуваат работните места и да се заштитат доверителите.
Во текот на расправата, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, го праша Мицкоски зошто било дозволено „Алта банка“ да влезе на македонскиот пазар и каква била неговата улога во процесот.
Мицкоски, пак, потсети дека темата за влез на банката била разгледувана уште во 2023 година, за време на претходната влада, кога било дадено одобрение Државното правобранителство да учествува во постапката за продажба на државните акции во Стопанска банка Битола.
Филипче возврати дека опозицијата подолго време предупредувала за сопственичката структура на банката и за нејзиниот доминантен акционер, Давор Мацура, оценувајќи дека Владата има политичка одговорност за случувањата.
Прашања до премиерот поставија и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, Левица, ВЛЕН и ЗНАМ. Во расправата се отворија и прашања за разговорите на Мицкоски со гувернерот на Народната банка, како и за неговите најави дека се бара нов сопственик за финансиската институција.
Мицкоски откри и дека, според информации со кои располага, Левица имала штеден влог од 250.000 евра во банката, но не објасни од каде ги добил тие податоци.
Надзорната расправа треба да ги разјасни причините за воведувањето привремена администрација во „Алта банка“ АД Битола, постапувањето на Народната банка и евентуалната одговорност на државните институции.









