Вредноста на минималната синдикална кошничка за ноември достигна 70.827 денари, што е зголемување за 469 денари во однос на октомври, кога изнесуваше 70.358 денари, соопшти Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).
Според пресметката, на едно четиричлено семејство со двајца возрасни и две деца, кое живее во сопствен стан, му се потребни 70.827 денари месечно за покривање на основните животни трошоци. Во оваа сума се вклучени храната, пијалаците, сметките, превозот, облеката, хигиената, здравјето и образованието, но не и трошоците за кирија.
Двете минимални плати заедно изнесуваат 52.092 денари, што значи дека на едно семејство со двајца вработени на минимална плата му недостигаат 18.735 денари за да ги покрие потребите предвидени со кошничката.
Во споредба со ноември минатата година, месечните трошоци за едно четиричлено семејство се зголемиле за 5.654 денари, додека двете минимални плати заедно пораснале за 3.334 денари. Тоа значи дека разликата меѓу приходите и трошоците дополнително се зголемила за 2.320 денари.
Само за храна и пијалаци во ноември се потребни 25.902 денари. Иако оваа ставка е намалена за 268 денари во однос на октомври, растот на останатите трошоци ја зголемил вкупната вредност на кошничката за 469 денари.
За семејствата што живеат под кирија, финансискиот товар е уште поголем. Со изнајмен стан од 60 квадратни метри, минималната кошничка достигнува 86.202 денари, односно 15.375 денари повеќе од основната пресметка. Во тој случај, со две минимални плати недостигаат 34.110 денари месечно.
Податоците покажуваат дека растот на минималните плати не го следи во целост зголемувањето на трошоците за живот, па разликата меѓу приходите и потребните средства за покривање на основните семејни потреби продолжува да се зголемува.
Во меѓувреме, министерот Бесар Дурмиши пресмета друга кошничка, со далеку помали бројки.
Просечната потрошувачката кошничка во октомври била 59.149 денари, рече министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.









