Мјанмар е одговорен за геноцид врз муслиманското малцинство Рохинџи за време на воените операции во 2016 и 2017 година, одлучи Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Со пресудата завршува седумгодишната постапка што ја покрена Гамбија, а судот утврди дека постоела намера за уништување на значителен дел од оваа етничка група, пишува „Гардијан“.
„Судот е целосно убеден дека Мјанмар извршил дела што потпаѓаат под Конвенцијата за геноцид, со намера да уништи значителен дел од населението Рохинџи во Мјанмар“, изјави претседателот на судот, Јуџи Ивасава, при читањето на пресудата.
Воената кампања пред речиси една деценија предизвика масовно бегство на Рохинџите. Повеќе од 700.000 луѓе ја напуштија земјата и преминаа во соседен Бангладеш, носејќи сведоштва за убиства на цивили, сексуално насилство и уништување на цели села.
Правната постапка против Мјанмар ја иницираше Гамбија во 2019 година, тврдејќи дека воените операции биле насочени кон уништување на Рохинџите како етничка и верска група. Во тужбата беа наведени докази за систематски напади врз цивилното население, убиства, силувања и палење населени места.
Еден од случаите што беше документиран се однесува на селото Тула Толи, каде што преживеаните сведочеле за убиства на цивили, вклучително и деца, масовни гробници и уништување на домовите. Сателитските снимки подоцна потврдиле дека селото било опожарено.
Во јануари годинава, Меѓународниот суд на правдата одржа сослушувања зад затворени врати, на кои беа презентирани и сведоштва на преживеани од бегалските кампови во Бангладеш. Таму и натаму живеат повеќе од еден милион Рохинџи, додека помалку од 600.000 останале во Мјанмар.
За време на постапката, претставниците на Гамбија нагласија дека станува збор за конкретни човечки судбини, а не само за правни толкувања. Министерката за правда на земјата, Дауда Џалоу, изјави дека Рохинџите биле цел на уништување.
Мјанмар ги отфрли обвиненијата за геноцид, тврдејќи дека воените операции биле насочени против вооружената група Рохинџа, чии припадници извршиле напади врз безбедносните сили. Владата тогаш ги опиша акциите на армијата како операции за расчистување.
Воените операции ги предводеше Мин Аунг Хлаинг, кој во 2021 година изврши државен удар и ја собори избраната влада на Аунг Сан Су Ќи. По преземањето на власта, земјата влезе во долготраен вооружен конфликт.
Меѓународниот кривичен суд претходно издаде потерница против Мин Аунг Хлаинг поради сомневања за злосторства против човештвото поврзани со прогонот на Рохинџите. Треба да се направи разлика меѓу двата меѓународни суда: Меѓународниот суд на правдата одлучува за спорови и одговорност на држави, додека Меѓународниот кривичен суд гони поединци за најтешките меѓународни злосторства.
Пресудата привлече внимание и поради можните последици врз други постапки за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, особено тужбата што Јужна Африка ја поднесе против Израел во врска со воените дејствија во Газа.
Геноцидот е дефиниран со Конвенцијата на Обединетите нации од 1948 година. За да се утврди дека е извршен, не е доволно да се докажат масовни убиства или други тешки злосторства. Потребно е да се докаже и специфична намера целосно или делумно да се уништи национална, етничка, расна или верска група.
Токму докажувањето на оваа намера е една од најсложените правни прашања во постапките за геноцид. Затоа случајот со Мјанмар се смета за значаен тест за начинот на кој судот ги оценува доказите за систематски напади врз одредена група.
Меѓународниот суд на правдата нема сопствен механизам за спроведување на пресудите, но неговите одлуки се правно обврзувачки за страните во постапката и имаат значителна меѓународна тежина. Нивното спроведување зависи и од понатамошните меѓународни дипломатски и политички механизми.
Во претходните постапки пред овој суд поврзани со злосторствата за време на војните во поранешна Југославија, не беше утврдена директна одговорност на Србија за извршен геноцид. Сепак, судот утврди дека Србија не ги исполнила обврските да го спречи геноцидот во Сребреница и да ги казни одговорните.








