Македонија денеска го слави Денот на независноста 8 Септември – 35 години од историскиот референдум на кој граѓаните во 1991 година со убедливо мнозинство се изјаснија за суверена и самостојна држава.
Оттогаш земјата го започна патот како независна парламентарна демократија, а 8 Септември стана еден од најважните државни празници. Честитки денеска пристигнаа од македонскиот државен врв, амбасадата на САД и претставници на ЕУ.
Пред три и пол децении, над 95 насто од граѓаните на референдум се изјаснија за самостојна и суверена држава.
Претходно, на 25 јануари 1991 година, беше усвоена Декларацијата за независност од првото повеќепартиско македонско Собрание, а два дена подоцна пратениците го избраа Киро Глигоров за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија.
Важни чекори за утврдување на државноста беа усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година, монетарното осамостојување и воведувањето на денарот на 26 април 1992, формирањето на сопствени вооружение сили.
Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година, кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, беше примена како 181. полноправна членка на Светската организација.
Поради противењето и притисоците од страна на Грција, која не го прифаќаше уставното име на Република Македонија, зачленувањето во ОН беше под привремената референца: Поранешна Југословенска Република Македонија.
Честитки од политичарите со порака за обединување
Претседателката Гордана Силјановска Давкова упати честитка по повод 8-ми Септември – Денот на независноста на Македонија во која порачува дека имаме генерациска одговорност да ги завршиме неодложните задачи: да ги искорениме криминалот и корупцијата, да воспоставиме бескомпромисно владеење на правото и да изградиме мирно и праведно општество на рамноправни и еднакви граѓани.

Таа потенцира дека во изминатите три и пол децении се соочивме со тешки искушенија, блокади и двојни стандарди, коишто стимулираа несакани внатрешни процеси и проблеми.
„Еден од најголемите е иселувањето на младите луѓе во потрага по подобар живот. Со секое заминување се прекинува нишка во нашето ткиво, а секоја празна училишна клупа е молчалив потсетник дека ги губиме оние кои беа и сѐ уште се нашата најголема надеж. Болната вистина не смее да нè парализира, туку мора да нè мобилизира. Државата не е само систем на институции. Луѓето се државата. Имаме генерациска одговорност да ги завршиме неодложните задачи: да ги искорениме криминалот и корупцијата, да воспоставиме бескомпромисно владеење на правото и да изградиме мирно и праведно општество на рамноправни и еднакви граѓани, независно дали се Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и други. Асномскиот завет нѐ учи: „Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме“. Никој друг нема да ни го уреди домот освен ние самите! Повеќе од кога било порано, денес ни е потребна проактивна, конструктивна надеж, верба дека со сопствени сили можеме и мораме да ги направиме нештата подобри. Нашата визија е стабилна и напредна европска држава, но пред сè, татковина во која младите нема да пакуваат куфери, туку, тука ќе создаваат семејства и ќе градат иднина“, порачува Силјановска – Давкова.
Премиерот Христијан Мицкоски со видео честитка на која се прикажани македонските убавини го честита 8 Септември, Денот на независнота на Македонија.

„Среќен роденден, независна и самостојна Македонијо“, објави Мицкоски на Фејсбук.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, порача дека 8 Септември е круна на повеќедецениска заложба, но и потсетник дека државата се гради секојдневно преку институциите, законите и довербата на граѓаните.
„Државата е нешто што се гради секој ден. Таа се гради со институции, со закони, со одговорност, со економија, со образование, со правда, со остварени граѓани, со среќни семејства кои живеат во таа држава, со доверба во државата и, пред сè, државата се гради со луѓе кои веруваат дека нивната лична иднина е поврзана со заедничката иднина на државата. Додека славиме, не треба да заборавиме дека патот во изминатите 35 години не бил лесен“.

Имаше, оцени Гаши, периоди на успех, но и периоди на кризи.
„Имаше моменти на стабилност, но и моменти на политички и економски потреси. Доживеавме уставни и институционални промени. Поминавме низ тежок економски транзициски процес и трансформација на општеството, додека многу наши граѓани ја напуштија земјата во потрага по подобар живот“.
Според Гаши, државата во иднина треба да биде држава на функционални институции, каде што администрацијата не го гледа граѓанинот како товар, туку како причина за своето постоење, каде што законот се применува еднакво без оглед на припадноста на странката, каде што корупцијата се гледа како порок и каде што сите ја гледаат заедничката европска перспектива.
Честитка упати и претседателот на СДСМ, Венко Филипче, осврнувајќи се на историскиот континуитет на македонската државност и европската иднина на земјата. Тој посочи дека државноста е градена низ генерации, почнувајќи од Илинден и АСНОМ, па сè до референдумот во 1991 година.

Лидерот на СДСМ нагласи дека секоја генерација имала своја специфична ролја во зачувувањето и развојот на државата.
„Нашата државност не започна во 1991 година, создавана е низ генерации, преку историски, политички и револуционерен континуитет. Од идеалите на Илинден, преку одлуките на АСНОМ со кои беше втемелена македонската државност, до референдумот на 8 Септември и одлуката да продолжиме по патот на независноста. Секоја генерација имала своја историска улога. Илинденската генерација ги постави темелите на борбата за слобода. АСНОМската генерација ја оствари таа цел и ја втемели македонска државност. Генерацијата од 1991 година се избори за независна држава, избирајќи го мирот во време на војни, и ја започна тешката битка за меѓународно признавање. Генерациите потоа решаваа тешки спорови и остварија една од клучните стратешки цели поставени уште од независноста – членството на Македонија во НАТО, го отворија патот кон Европската Унија и го обезбедија македонскиот јазик и идентитет“, наведува Филипче.
Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, нагласи дека оваа годишнина е момент за потсетување на поминатиот пат, но и за дефинирање на идниот правец на државата.

Во своето обраќање, тој се осврна на историскиот контекст и важноста на Охридскиот мировен договор. Тој потенцираше дека настаните од 2001 година го промениле начинот на кој функционира државниот систем.
„Охридскиот мировен договор не измени само одредени уставни одредби. Тој ја промени филозофијата на функционирањето на државата. Ја премести земјата од логиката на доминација на мнозинството кон принципот на соживот, еднаквост и заедничка одговорност. Албанците не бараа друга држава. Напротив, се обврзаа заедно да ја градат оваа држава. Оттогаш, патот не беше лесен. Интеграцијата на една заедница која со децении беше држена настрана од институциите, администрацијата, културата, образованието и јавниот живот не можеше да се случи преку ноќ. Беа потребни реформи, политички напори и, пред сè, промена на начинот на размислување. Во овој процес, Демократската унија за интеграција го гледаше интегрирањето на Албанците и немнозинските заедници не како исклучување на некој друг, туку како градење на пофункционална, подемократска и поправедна држава. Тоа е и суштината на Охридскиот мировен договор“, соопштува тој.
Лидерот на ДУИ исто така изрази загриженост за одредени актуелни процеси во општеството.
„Загрижува кога гледам исклучување во застапеноста, пречки во употребата на јазиците, неинклузивност во културата и јавниот живот или обиди за поткопување и релативизирање на принципите врз кои беше изграден мирот. Треба да бидеме внимателни. Затоа што државите не се ослабуваат со еднаквост. Државите се ослабуваат кога нивните граѓани почнуваат да се чувствуваат исклучени“, предупредува Ахмети.










