Во Македонија започнува првиот национален генетски мониторинг на кафеавата мечка, со кој треба да се добијат попрецизни податоци за бројот, распространетоста и генетската разновидност на оваа заштитена дивa животинска врста.
Мониторингот започнува од Националниот парк „Пелистер“, каде што веќе е одржана првата обука за собирање примероци. Наместо директно набљудување на животните, ќе се користи неинвазивен метод преку собирање примероци од измет, кои потоа ќе се анализираат во лабораторија. Генетскиот запис е единствен за секоја мечка, што овозможува да се разликуваат одделните единки.
„Преку научен пристап и методологија, за првпат ќе се направи мониторинг на кафеавата мечка во Македонија“, вели Александар Стојанов, координатор на проектот во Македонското еколошко друштво. Според него, истражувањето треба да даде одговор и на клучното прашање – колку мечки всушност живеат во македонските шуми.
Собраните податоци ќе помогнат при планирањето на идните мерки за заштита, како и за подобро управување со популацијата и нејзините живеалишта.
Истражувањето е дел од европскиот проект „LIFE DinPin Bear“, во кој учествуваат девет балкански земји. Динаро-пиндската популација брои околу 4.000 кафеави мечки и се смета за најголема популација од овој вид во Европа.
Проектот е кофинансиран преку програмата LIFE на Европската Унија, а во Македонија се спроведува во соработка меѓу Македонското еколошко друштво, Министерството за животна средина и националните паркови.









