Косовскиот премиер Албин Курти упати три барања до новото политичко раководство на Србија, оценувајќи дека тие се клучни за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина и за европската перспектива на Косово.
Во обраќање пред студентите на Париската школа за меѓународни односи, Курти порача дека Србија треба да ја прифати „реалноста на 21 век“ и да ја признае независноста на Косово, за која тврди дека досега ја признале повеќе од 120 држави.
Второто барање е Белград да ја прекине кампањата против меѓународното признавање на Косово, вклучително и обидите да го спречи неговото членство во меѓународни организации.
Како трет услов, Курти ја посочи одговорноста за вооружениот напад во Бањска од септември 2023 година и побара Србија да го предаде Милан Радоичиќ, кого го обвинува дека бил организатор на нападот.
Паралелно со пораките до Белград, Курти во Париз побара и посилна поддршка од Франција за евроатлантските интеграции на Косово. На средбата со претседателот на францускиот Сенат, Жерар Ларше, тој побара поддршка за добивање кандидатски статус за членство во Европската Унија, отворање на пристапните преговори и членство во НАТО.
„Република Косово е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија“, порача Курти, додавајќи дека кандидатскиот статус и отворањето преговори би биле поттик за понатамошен напредок на земјата.
Тој нагласи дека поддршката на Франција за членството на Косово во ЕУ и НАТО е важна за траен мир и долгорочна безбедност на Западен Балкан и во Европа.
Курти воедно побара признавање на Косово од петте членки на ЕУ и четирите членки на НАТО кои сè уште не ја признале неговата независност.









