Кратењето часови како механизам за справување со високите температури, всушност е само една од мерките, откако Министерството за образование и наука на својата официјална веб страница ги објави протоколите за организација на настава во услови на големи жештини.
Протоколите се доставени до сите училишта и содржат насоки за проветрување на училниците, отворање и затворање на прозорците, како и за активностите што треба да се организираат во услови на високи температури.
Министерката Весна Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање на оваа тема посочи дека кога е многу топло, наставата по физичко образование може да се замени со помалку напорни активности, а училиштата треба да се приспособуваат на условите без да се прекинува наставниот процес.
,,Она што треба да се направи е да се почитуваат протоколите. Се разбира дека раководството на училиштата и самите наставници, тоа е дел од нивната работа, ќе се приспособуваат на условите. Ако е жешко, нема да вежбаат физичко, ќе имаат одмор, ликовно, музичко, нешто друго… Јас не сакам да се мешам во нивната работа, но еве една идеја. Ако е постудено, ќе направат и некоја физичка вежба. Таму во протоколите пишува кога треба да се отворат, кога да се затворат прозорците, кои активности треба да ги имаат децата. Мора да се приспособуваме на сѐ што ќе биде предизвик – изјави Јаневска.
За Јаневска целта е сепак сите училишта да добијат клима уреди, но, вели дека иако се работи во таа насока, сепак, истакна дека не може конкретно да одговори кога ова и навистина ќе се реализира.
Мал дел од училиштата, како основното училиште ,,Љубен Лапе” од Општина Аеродром е едно од ретките во чии училници има клими, па директорката вели дека тоа значително ја олеснува наставата во првите денови од новата школска година.









