Десетици илјади граѓани се собраа на „Маршот за слобода“ во Приштина за да ја искажат поддршката за поранешните лидери на ОВК пред конечната пресуда од Специјализираните совети во Хаг, додека политичките лидери апелираат за правда и предупредуваат на сериозни општествено-политички последици.
Mасовниот собир наречен „Марш за слобода“, организиран од граѓанската платформа „Слободата има име“, имаше за цел да изрази поддршка за поранешните високи претставници на Ослободителната војска на Косово (ОВК) – Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими, кои се наоѓаат во притвор во Хаг од ноември 2020 година.

На плоштадите беа поставени знамиња и билборди со нивните ликови, како и симболичен часовник кој го одбројува времето до 16 септември, датумот кога Специјализираните совети на Косово треба да ја изречат првостепената пресуда. Обвинителството побара казна затвор од по 45 години за секој од обвинетите, кои се товарат за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени во 1998 и 1999 година.
Политички реакции и барања за ослободување
На протестот зедоа учество десетици илјади граѓани од Косово, Албанија и Северна Македонија, како и бројни политички личности.
Претседателот на Демократската партија на Косово (ПДК), Бедри Хамза, упати директна порака до судиите во Хаг да размислат за последиците од нивната одлука, оценувајќи дека неправедна пресуда ќе претставува казна за целото Косово. Поддршка за обвинетите изрази и албанскиот премиер Еди Рама, кој изјави дека очекува Хашим Тачи да триумфира преку силата на вистината.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој исто така присуствуваше на маршот во Приштина, јавно порача дека албанскиот народ веќе ја донел својата пресуда сметајќи ги обвинетите за невини, со што нагласи дека борбата на ОВК не смее да биде предмет на судска ревизија.

Претставниците на здруженијата на ветераните, меѓу кои и претседателот на Организацијата на воените ветерани на ОВК, Хисни Гуцати, истакнаа дека протестот не е само за одбрана на поединци, туку за заштита на колективната вистина и достоинството на борбата на еден народ за опстанок и државност. Учесниците на собирот носеа пароли со натписи „Без правда нема мир“ и „Слобода има име“, нагласувајќи дека историјата на ОВК е темел на слободата и дека нејзините лидери се симбол на националниот отпор против порашното угнетување. Собирот беше обележан со силни пораки за национално единство, а организаторите ги повикаа граѓаните масовно да присуствуваат и на денот на изрекувањето на пресудата.
Во пресрет на објавувањето на пресудата, безбеднозните структури и меѓународните мисии како КФОР и ЕУЛЕКС ја следат состојбата со зголемено внимание и се подготвени да реагираат на евентуални ескалации. Најавите од некои здруженија на ветерани за можни протести и реакција во зависност од исходот на пресудата укажуваат на висока тензија.










