Вонредниот инспекциски надзор во Центарот за социјална работа во Гевгелија не утврдил неправилности во постапувањето на институцијата во случајот со 17-годишната Билјана Кириќ од Богданци, која беше убиена од својот партнер.
Според наодите на инспекциската служба, Центарот постапувал согласно законските надлежности и навремено презел мерки за заштита на малолетничката.
Од Министерството за труд и социјална политика информираат дека Центарот на 2 октомври добил известување од Министерството за внатрешни работи за настан од 30 септември. Истиот ден бил контактиран таткото на девојката, а три дена подоцна биле спроведени разговори со него и со Билјана, при што биле земени изјави на записник. Таткото дал согласност за поведување понатамошни постапки за нејзина заштита.
На 6 октомври бил повикан и 21-годишниот Виктор, на кого му биле укажани последиците од насилното однесување. По проценката на ризикот, Центарот веднаш поднел барање до надлежниот суд за изрекување привремени мерки за заштита. Меѓу нив биле забрана за закани, малтретирање, вознемирување и контактирање со девојката, како и забрана за приближување на помалку од 100 метри.
Судот на 16 октомври ги изрекол бараните мерки во траење од шест месеци. Според информациите од Министерството и МВР, по нивното изрекување немало пријава за нивно прекршување.
И покрај ваквите наоди, случајот предизвика реакции и протести во Богданци и Скопје, при што граѓаните бараат целосно расветлување на околностите што доведоа до смртта на 17-годишната девојка и утврдување на евентуалната одговорност на надлежните институции.
Аларм пред насилникот да стигне до жртвата: ЛДП ќе собира потписи за електронски нараквици









