Уставниот суд денеска повторно расправа по иницијативите со кои се оспоруваат одредби од Изборниот законик поврзани со платеното политичко рекламирање и распределбата на јавните средства и медиумскиот простор за време на изборни кампањи.
На дневен ред се предметите поднесени од Левица и од партијата Демократи, кои ги оспоруваат членовите 75-ѓ, 76-д и 78-а од Изборниот законик. Двете иницијативи се водат во единствена постапка бидејќи се однесуваат на исти законски одредби.
Левица тврди дека актуелните правила создаваат нееднакви услови меѓу политичките субјекти, бидејќи партијата како парламентарен субјект немала можност да користи платено политичко рекламирање на телевизии, радија, интернет-портали и билборди под исти услови како други учесници во изборниот процес. Од партијата прашањето го поставуваат како прашање на еднаков политички натпревар и плурализам, а не само како прашање на распределба на финансиски средства.
Слични забелешки има и во иницијативата на Демократи, од каде што се оспорува начинот на кој е распределен бесплатниот рекламен простор и се тврди дека помалите политички партии се ставени во понеповолна положба.
Предметот веќе беше разгледуван во јули, но тогаш не беше обезбедено потребното мнозинство за донесување одлука, па постапката остана отворена. Во меѓувреме е променет и составот на Уставниот суд, по оставката на судијата Гоце Наумовски и изборот на Мери Дика Георгиевска за нова уставна судијка.
Одлуката што ќе ја донесе Судот треба да даде одговор на прашањето дали спорните одредби од Изборниот законик се во согласност со уставните начела на еднаквост и политички плурализам и какви правила ќе важат за распределбата на медиумскиот простор и јавните средства за платено политичко рекламирање во идните изборни процеси.








