Во новиот предлог-Кривичен законик се предвидува воведување посебно кривично дело за загрозување на стабилноста на банкарскиот систем преку ширење неточни информации, за кое ќе биде предвидена и затворска казна.
Ова го соопшти пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Драгана Бојковска, посочувајќи дека предлог-законот веќе е испратен до Европската комисија на мислење.
Според најавеното решение, кривична одговорност ќе имаат лица кои, користејќи ја својата службена или општествена положба и углед, преку лажни изјави или документи ќе пласираат неточни информации со кои се загрозува стабилноста на банкарскиот систем.
„Не можете да ширите лажни информации, да се обидувате политички да профитирате и за тоа да не сносите одговорност. На овие ситуации ќе им ставиме крај“, изјави Бојковска во емисијата „Анализа“ на ТВ24.
Таа ја поврза најавата со актуелните случувања околу Алта банка, обвинувајќи ја опозициската СДСМ и нејзиниот претседател дека со изнесување информации за состојбата во банката шират страв и паника меѓу граѓаните. Според неа, приоритет треба да биде заштитата на банкарскиот сектор, штедачите и депозитите.
Предлог-Кривичниот законик е испратен до Европската комисија за мислење, по што треба да продолжи постапката за негово усвојување.









