Естонија од 1 декември ќе ги затвори сите патни гранични премини со Русија, откако нејзините безбедносни служби спречиле обид за подметнување пожар во фабриката на одбранбената компанија „Треод системс“ (Threod Systems), која произведува извидувачки и борбени дронови.
Естонските власти тврдат дека операцијата била организирана по налог на руската воена разузнавачка служба ГРУ. Осум лица, сите жители на Летонија, биле приведени во врска со случајот, а обвинителството побарало притвор за петмина осомничени.
Според истрагата, инцидентот се случил во ноќта меѓу 13 и 14 ноември во објектот на компанијата во Виимси, во близина на главниот град Талин. Напаѓачите се обиделе да влезат во објектот, да ги скршат прозорците и да истурат запалива течност со намера да предизвикаат пожар и експлозија. Благодарение на обезбедувањето и брзата реакција на полицијата, биле спречени поголеми материјални штети, а производството не било прекинато.
Естонскиот премиер Кристен Михал оцени дека случајот е дел од пошироката хибридна кампања на Русија против Европа, чија цел, според него, е да ја ослабне поддршката за Украина и да изврши притисок врз европските држави.
Министерот за надворешни работи Маргус Цахкна соопшти дека од 1 декември ќе бидат затворени сите патни премини меѓу двете земји – Нарва, Лухамаа и Коидула. Одлуката, како што наведе, треба да ја намали можноста за непријателски активности и заобиколување на санкциите. Засега не е прецизирано колку долго ќе трае затворањето.
Од Москва ги отфрлија обвинувањата. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, порача дека доколку Естонија навистина ги затвори премините, тоа ќе биде уште една манифестација на, како што го нарече, „русофобија“.
Естонија е членка на НАТО и Европската Унија и една од најгласните поддржувачи на Украина. Ова е втор познат обид за подметнување пожар во естонска одбранбена компанија годинава, откако во август беше нападнат и објект на компанијата „Милрем роботикс“ во Талин.









