АД ЕСМ достави најповолни понуди за снабдување со електрична енергија на домаќинствата и малите потрошувачи во текот на 2027 година. Компанијата понудила две различни цени, во зависност од количината на струја што треба да ја обезбеди за универзалниот снабдувач ЕВН Хоме.
На тендерот за набавка на електрична енергија за периодот од јануари до декември следната година биле предвидени два лота. За поголемиот дел од потребната електрична енергија, односно 70 проценти од вкупните количини, ЕСМ понудила цена од 65 евра за мегават-час.
Преостанатите 30 проценти ќе се набавуваат по цена од 74 евра за мегават-час, исто така од ЕСМ, чија понуда била оценета како најповолна и за овој дел од тендерот.
Постапката ја спроведе ЕВН Хоме, во својство на универзален снабдувач со електрична енергија, под надзор на Регулаторната комисија за енергетика и согласно утврдената методологија.
Иако сега се познати цените по кои ЕСМ ќе ја продава електричната енергија на универзалниот снабдувач, конечната цена што ќе ја плаќаат домаќинствата сè уште не е утврдена. ЕВН Хоме во наредниот период треба да ги пресмета сите влезни параметри врз основа на кои ќе се формира цената за потрошувачите во 2027 година.









