Амбасадорот на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас, денеска ќе му го предаде на премиерот Христијан Мицкоски годишниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјата на патот кон членство во Унијата. По средбата во Владата, предвидена е и заедничка прес-конференција на двајцата.
Во извештајот за 2026 година, Европската комисија нотира одреден напредок во спроведувањето на реформската агенда, но истовремено упатува сериозни забелешки за повеќе области, меѓу кои владеењето на правото, борбата против корупцијата, функционирањето на судството и исполнувањето на преземените меѓународни обврски.
Особено внимание привлекува оценката на Брисел за почитувањето на Преспанскиот договор. Во документот се наведува дека претставници на Владата и високи функционери во одредени случаи не го почитуваат договорот, вклучително и со некористење на уставното име на државата.
„Членови на Владата и високи функционери повремено го игнорираат Договорот, вклучително и со некористење на уставното име на земјата, што носи ризик за нарушување на добрососедските односи“, се наведува во извештајот.
Европската комисија нагласува дека спроведувањето на билатералните договори со добра волја, вклучително и Преспанскиот договор, останува од суштинско значење за односите со соседите. И покрај критиките, во документот се регистрира и продолжување на соработката со Грција во областите на економијата, инфраструктурата, енергетското поврзување, туризмот и културата.
Меѓу главните забелешки повторно се и уставните измени предвидени со заклучоците на Советот на ЕУ од 2022 година, со кои бугарската заедница треба да биде внесена во Уставот. Комисијата посочува дека во извештајниот период не биле преземени напори за усвојување на овие измени, кои остануваат услов за продолжување на преговорите со ЕУ.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос претходно порача дека отворањето на првиот преговарачки кластер ќе биде можно откако ќе бидат исполнети поставените услови, нагласувајќи дека следниот чекор зависи од Северна Македонија.
Во делот за судството, Брисел предупредува дека политичкото влијание, недостигот од финансиски средства и кадровската екипираност продолжуваат да ја поткопуваат неговата независност. За борбата против корупцијата, оценката е дека нема напредок и дека таа останува широко распространет и сериозен проблем.
Извештајот укажува и на политичката поларизација, која го забавува усвојувањето на реформските закони, како и на недоволниот напредок во слободата на изразување и спроведувањето на препораките за изборните реформи.
Северна Македонија, според оценката на Европската комисија, продолжува со подготовките за отворање на првиот кластер во преговорите, но усвојувањето на уставните измени и забрзувањето на реформите во клучните области остануваат неопходни за придвижување на европскиот процес.
Извештајот опфаќа период од 1 септември 2025 до 1 септември 2026 година и е дел од годишниот пакет за проширување на Европската комисија.








