Град Скопје ја прифати иницијативата на советничката група на Левица со која се предвидува ослободување на младите брачни парови од плаќање на дел од надоместокот за уредување на градежното земјиште при изградба на нивната прва семејна куќа.
Иницијативата, која била поднесена на 30 септември, има цел да ги намали почетните трошоци за младите семејства кои сакаат да изградат сопствен дом, во услови на високи цени на градежните материјали, работната сила и административните давачки.
Олеснувањето ќе се однесува исклучиво на делот од надоместокот што претставува приход на Град Скопје. Тоа значи дека младите брачни парови и понатаму ќе треба да го платат делот од надоместокот што ѝ припаѓа на општината на чија територија се наоѓа градежната парцела.
Право на оваа поволност ќе имаат брачни парови кај кои ниту еден од сопружниците не поседува друга станбена недвижност соодветна за живеење, а куќата ја градат за сопствени потреби.
Во иницијативата е предвидено ослободувањето да важи за станбена површина до 100 квадратни метри. Доколку куќата има поголема површина, надоместокот ќе се плаќа за делот над предвидените 100 квадратни метри.
Од Левица образложуваат дека со оваа мерка се настојува создавањето семејство и обезбедувањето сопствен дом да не бидат привилегија само на граѓаните со високи примања или наследен имот.
„Создавањето семејство и обезбедувањето сопствен дом не смеат да бидат привилегија достапна само за оние со високи примања или наследен имот. Локалната самоуправа има обврска да креира политики кои ќе им помогнат на младите луѓе да создаваат семејство, да градат сопствен дом и својата иднина да ја гледаат во Скопје“, се наведува во образложението на иницијативата.
Од партијата оценуваат дека прифаќањето на предлогот отвора можност за конкретна финансиска поддршка на младите семејства, намалување на трошоците за изградба и поттикнување на младите да останат да живеат во главниот град.
Иницијативата претставува локална мерка за поддршка при решавањето на станбеното прашање, а не целосно ослободување од сите комунални давачки поврзани со изградбата на првата семејна куќа.







