Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, Стојанчо Радичевски, освои најмногу гласови на предвремените избори за градоначалник на Брвеница, покажуваат првичните официјални резултати на Државната изборна комисија. Радичевски доби 2.945 гласа, односно 38,89 проценти, додека во вториот круг ќе се соочи со Аркин Јахиј од Национална алијанса за интеграција (НАИ), кој освои 2.152 гласа или 28,42 проценти.
Според ДИК, на изборите гласале 7.572 од вкупно 16.256 запишани избирачи, што претставува одѕив од 46,58 проценти.
Третопласиран е Јакуп Хусеини од коалицијата „Вреди“ со 1.529 гласа или 20,19 проценти, а кандидатот на СДСМ и коалицијата, Јовица Радески, освоил 707 гласа, односно 9,34 проценти.
Радичевски и Јахји во втор круг од изборите за градоначалник на Брвеница
Душан Богдановски, кандидат на група избирачи, добил 57 гласа, додека Арифе Идризи, исто така кандидатка на група избирачи, освоила 21 глас.
Според законските рокови, подносителите на листите имаат право да поднесат приговор до ДИК за постапката на гласање во рок од 48 часа по завршувањето на гласањето, а за сумирањето и утврдувањето на резултатите – во рок од 48 часа по објавувањето на првичните официјални резултати.
Против одлуките на ДИК по приговорите може да се поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението. Конечните резултати ќе бидат објавени по завршувањето на постапката по приговорите.
Вториот круг од изборите треба да се одржи за две недели.
Предвремените избори во Брвеница беа распишани по смртта на дотогашниот градоначалник Јовица Илиевски, кој почина на 23 јуни 2026 година, на 58-годишна возраст.







