Девет полицајци од Велес се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување и за неизвршување судска одлука, поради нивното постапување по пријавите за семејно насилство на Росица Коцева, која минатата година беше убиена заедно со нејзиниот татко.
Обвинението го поднесе Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, по спроведена истрага во која било утврдено дека полицајците во периодот од 21 февруари до 15 септември 2025 година не постапувале соодветно по пријавите на Коцева за семејно насилство.
Според обвинителството, со пропустите во службеното постапување биле повредени нејзините права, вклучително и уставно загарантираното право на живот. Обвинетите, како што се наведува, не ги применувале соодветно законските обврски за заштита на жртви на семејно насилство и не постапувале по итните мерки за заштита и покрај тоа што биле изречени судски мерки.
Обвинителството утврдило и дека дел од полициските службеници, при постапување по пријавите, не го известиле надлежниот јавен обвинител за да добијат насоки за понатамошно постапување. Доказите, наместо да бидат процесуирани, биле чувани во просториите на Одделението за општ криминал и криминалистичка полиција во Велес, без да биде поведена соодветна постапка.
Росица Коцева, 31-годишна девојка од Велес, беше убиена заедно со нејзиниот 74-годишен татко во септември минатата година. За двојното убиство беше осомничен нејзиниот поранешен партнер, кој по двојното убиство, се самоуби.
Деветтемина полициски службеници се товарат за кривичните дела злоупотреба на службената положба и овластување и неизвршување судска одлука.









