Голем прекин во работата на сервисите на „Мајкрософт“ предизвика проблеми за корисниците во 74 земји и територии ширум светот. Најпогодени се Outlook, Teams и Copilot, а нарушувања се пријавени и кај други услуги од пакетот Microsoft 365.
Проблемите започнаа во четвртокот, при што голем број корисници не можеа да пристапат до електронската пошта, да испраќаат и примаат пораки или да ги користат деловните комуникациски алатки. Според податоците на платформата Downdetector, во еден момент биле регистрирани повеќе од 130.000 пријави за проблеми со Outlook само во САД.
Прекинот влијаеше и врз деловни компании и институции, а проблеми со поврзувањето преку Microsoft 365 биле пријавени и кај услугите на компаниите OpenAI и Anthropic.
Од „Мајкрософт“ соопштија дека дел од нивната серверска инфраструктура се соочила со преоптоварување, што предизвикало проблеми со поврзувањето. Обидите за повторно активирање на серверите не дале очекувани резултати, бидејќи дел од нив повторно станувале недостапни по враќањето на сообраќајот.
Компанијата работи на алтернативни решенија, пренасочување на сообраќајот и враќање на серверите во функција. Засега е забележано само делумно подобрување, без прецизна проценка кога сите услуги целосно ќе бидат обновени.
Од „Мајкрософт“ потврдија дека нема индикации оти прекинот е предизвикан од сајбернапад.









