Велешанецот М.А. со години измамувал десетици пациенти со карцином во Македонија, на кои во нивните домови им аплицирал „кубанска вакцина“ против рак, ветувајќи им подобрување на здравствената состојба, а притоа наплаќал илјадници евра. Вакцината не е регистрирана во Македонија, а не е потврдено ниту што содржеле инјекциите што им ги давал на пациентите, дознава „Слободен печат“.
Според сведоштвата на семејствата со кои разговарал медиумот, за една доза од наводната вакцина плаќале по 3.200 евра, а едно семејство од Струмица исплатило вкупно 15.000 евра. Инјекциите, според нивните искази, биле аплицирани во домовите на пациентите, а велешанецот не им ја оставал амбалажата ниту им давал документација за препаратот.
Еден од соговорниците тврди дека остаток од инјекцијата однел на лабораториска анализа во Србија, каде што, според неговите наводи, било утврдено дека содржи физиолошки раствор. Тој го пријавил случајот во полиција откако, како што тврди, не успеал да си ги врати парите.
Од МВР за „Слободен печат“ потврдиле дека на 31 јули годинава бил извршен претрес во домот на М.А. (47) од Велес, при што бил одземен мобилен телефон. На 21 август, 37-годишен жител на Кавадарци пријавил дека бил измамен за 3.200 евра со ветување дека ќе му биде помогнато во лекувањето на член на семејството. На 9 септември бил извршен службен разговор со М.А., а од МВР велат дека по целосното расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Во Македонија нема регистрирана „кубанска вакцина“ против рак во Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), ниту таа е во официјална употреба на онколошките оддели во земјава. Ова го потврдил и директорот на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, Игор Стојковски.
„Слободен печат“ стапил во контакт и со М.А., од кого побарал одговори за составот на вакцината, нејзиното потекло, регистрацијата во МАЛМЕД, начинот на аплицирање и цената по доза. По инсистирањето на новинарот, тој изјавил дека „бројот на оние на кои им е помогнато е многу поголем од оние што плукаат“.
„Можам само да ви кажам дека самите пациенти ме бараа после добри резултати, а јас не појдов кај нив ниту сум ги присилил на такво нешто. Вакцината е Цимивах. И Ве молам да објавите од кога ќе ви ги кажам сите информации после Обвинителство. Ќе имате ексклузивна изјава со сѐ точно. Би ве замолил до тогаш да не објавувате“, рекол М.А.
Според него, вакцината ја набавувал „преку Србија“. „Слободен печат“ пронашол здравствена установа во Србија во која се нуди ваков препарат. Сепак, изгледот на флаконите не се совпаѓа со оној на инјекциите што, според сведоштвата на семејствата, М.А. им ги аплицирал на пациентите во Македонија.
Во упатството за вакцината што се нуди во Србија е наведено дека се мешаат два флакона, по што дозата се аплицира на четири места – во двете рамења и на левата и десната страна на задникот. Наспроти тоа, според семејствата со кои разговарал „Слободен печат“, М.А. на пациентите им ја аплицирал инјекцијата само во едното рамо.








