Апелациониот суд во Скопје донел ослободителна пресуда за Бојан Јовановски, познат како Боки 13, во предметот „Меѓународен сојуз“. Ова го соопшти адвокатот Сашо Дуковски, кој го застапуваше Јовановски во овој случај.
Дуковски на социјалните мрежи објави дека Апелацискиот суд ја преиначил првостепената пресуда со која Јовановски беше осуден на пет години затвор.
„Ете, правдата е спора, но достижна! Апелациониот суд во Скопје денес донесе ослободителна пресуда за Бојан Јовановски во предметот „Меѓународен сојуз“. Со тоа ја преиначи првостепената пресуда на Основниот кривичен суд од пет години! Тоа е. По лошо обвинение следи ослободителна пресуда!“, напиша Дуковски.
Предметот се однесуваше на финансиски злоупотреби преку невладината организација „Меѓународен сојуз“, чиј претседател беше Бојан Јовановски. Обвинението го товареше дека преку проекти за изградба на старечки домови и центри за возрасни лица довел во заблуда двајца бизнисмени, од кои биле побарани и добиени значителни парични средства.
Според обвинението, на бизнисмените им било ветувано обезбедување државно земјиште и субвенции за реализација на проектите, а парите биле исплатени преку Македонската авторска агенција.
Во првичната постапка, во април 2022 година, Јовановски беше осуден на девет години затвор за измама и перење пари. По жалбите, Апелациониот суд во април 2024 година ја укина пресудата и предметот го врати на повторно судење.
На повтореното судење, во октомври 2025 година, Основниот кривичен суд му изрече единствена казна од пет години затвор за истите кривични дела.
Во предметот беа обвинети и други лица, меѓу кои поранешната пратеничка Фросина Ташевска-Ременски, која беше ослободена од обвинението за измама.








