Пресудите за воени злосторства против поранешниот косовски претседател Хашим Тачи и тројца други високи поранешни команданти на Ослободителната војска на Косово претставуваат важен чекор кон одговорност за жртвите од војната во Косово, оцени „Хјуман рајтс воч“.
Специјализираните совети на Косово во Хаг на 16 септември ги прогласија Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими за виновни за воени злосторства, меѓу кои произволно апсење и притворање, сурово постапување, мачење и убиство.
Тачи и Красниќи беа осудени на по 25 години затвор, Весели на 18 години, а Селими на 13 години.
Во исто време, четворицата беа ослободени од обвиненијата за злосторства против човештвото, откако судот оцени дека обвинителството не го докажало надвор од разумно сомневање потребниот елемент дека конкретните дела биле насочени против цивилно население.
Според Хјуман рајтс воч, пресудата се однесува на индивидуалната кривична одговорност на четворицата обвинети и не е судење на ОВК како организација, ниту на легитимноста на нејзината борба. Организацијата истовремено посочува дека пресудата доаѓа во поширок контекст на сè уште нецелосната одговорност за злосторствата извршени за време на конфликтот во Косово.
Судот утврдил дека во периодот од април 1998 до 20 јуни 1999 година, обвинетите биле кривично одговорни за произволно апсење и притворање на 385 лица, мачење на 303 лица, сурово постапување со 49 лица и убиство на 96 лица. Жртвите биле Косовски Албанци, Срби, Роми и други лица.









