Франција би можела да го забави или блокира приемот на нови земји во Европската Унија, бидејќи нејзиниот Устав предвидува референдум како главен начин за ратификација на пристапувањето на нови членки. За ова предупредува францускиот економски весник „Лез Еко“ (Les Echos), во анализа од Брисел.
Според весникот, евентуален референдум би можел да претставува сериозна пречка за проширувањето, особено во услови кога против приемот на нови членки се изјаснуваат политички сили во Франција. Меѓу нив е и крајнодесничарскиот Национален собир на Марин Ле Пен, кој се противи на проширувањето, но и на понатамошната финансиска поддршка за Украина.
„Лез Еко“ го пренесува ставот на Ликас Масек, раководител на Центарот за поголема Европа при Институтот „Жак Делор“, според кого референдумот во Франција би можел да стане „пеколна машина“ за процесот на пристапување на нови членки.
Уставната обврска за референдум би можела да се избегне доколку се обезбеди потребното мнозинство во францускиот парламент. За тоа е потребна поддршка од три петтини од пратениците во двата дома на парламентот, како и од мнозинството сенатори во Конгресот, што според анализата претставува тешко остварлива процедура.
Весникот наведува дека против проширувањето во сегашните услови е и крајнолевичарскиот политичар Жан-Лик Меланшон.
Иако Европската комисија го стави проширувањето меѓу своите приоритети и настојува ветувањата кон земјите-кандидатки да останат веродостојни, нивното членство и натаму зависи од спроведувањето реформи и одлуките на земјите-членки.
Како пример за можните последици, „Лез Еко“ ја посочува Црна Гора, за која планираниот датум за членство би можел да стане неизвесен. Според анализата, Брисел би можел да ги заврши пристапните преговори, но тоа не би било гаранција дека Париз ќе го ратификува договорот за членство.







