Американскиот претседател Доналд Трамп ги отфрли повиците за забавување на развојот на вештачката интелигенција и за воведување построги регулативи, оценувајќи дека САД мора да ја задржат предноста пред Кина во една од најважните технолошки трки во светот.
Тој порача дека неговата земја мора да биде лидер во развојот на ВИ и дека претераното ограничување би можело да ја загрози таа позиција.
„Кој ќе победи во ВИ, ќе победи“, порача Трамп, додавајќи дека постојат „многу негативни сили“ кои предупредуваат на опасностите од технологијата и бараат нејзиниот развој да биде забавен. Според него, дел од сценаријата за кои се зборува нема да се реализираат, а САД мора да продолжат да инвестираат и да напредуваат.
Неговите изјави доаѓаат во момент кога дел од највлијателните луѓе во технолошкиот сектор почнаа да повикуваат на спротивен пристап.
Извршниот директор на „Anthropic“, Дарио Амодеи, предложи намерно забавување на развојот на најнапредните модели и воведување независни проценувачи кои би имале пристап до системите за да ги проверуваат нивните безбедносни ризици. Предлогот го поддржаа и директорот на „OpenAI“, Сем Алтман, како и Илон Маск.
Причина за зголемената загриженост се и неодамнешните тестирања во кои напредни ВИ-системи покажале способност самостојно да извршуваат сложени задачи, да заобиколуваат ограничувања и да пробиваат компјутерски системи. Во технолошката индустрија повторно се отвори и прашањето дали идните, значително помоќни системи би можеле да излезат од човечка контрола.
Дебатата доби и политичка димензија во САД. Дел од демократите бараат нови федерални правила и механизми за надзор, додека републиканците предупредуваат дека премногу строгата регулација би можела да ја ослаби американската позиција во однос на Кина.
И претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, предупреди дека забавувањето на развојот може да значи губење на технолошката трка.
Во дебатата се вклучи и поранешниот американски претседател Барак Обама, кој порача дека демократите мора да имаат јасен план за заштитни механизми околу ВИ и технологијата да ја постават меѓу централните политички теми. Тој предупреди дека брзиот развој може да има сериозни економски и општествени последици доколку институциите не успеат навреме да воспостават соодветни правила.
Во САД се продлабочува судирот меѓу два пристапа: едниот бара забрзан развој за да се зачува американската технолошка и геополитичка предност, додека другиот предупредува дека трката кон сè помоќна ВИ мора да биде проследена со сериозни безбедносни механизми.
Додека Вашингтон ја гледа ВИ и како прашање на национална безбедност, технолошките лидери сè почесто предупредуваат дека ризиците можат да ги надминат економските придобивки доколку развојот продолжи без доволна контрола.










