Нова кривична пријава за екс градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски. Овојпат полицијата го сомничи за несовесно работење, а пријавени се и две службенички од општинскиот Сектор за урбанизам.
Во центарот на случајот е градба на место за кое Уставниот суд уште во 2018 година го укинал Деталниот урбанистички план. Барањето на инвеститорите претходно двапати било одбивано. Според пријавата и самиот Јакимовски претходно барал за укинатите планови да не се даваат градежни дозволи. Сепак, инвеститорите подоцна добиле право да градат објект вреден околу 170 илјади евра.
„Третопријавениот потпишал договори со инвеститорите за регулирање на надоместокот за уредување на градежно земјиште без да изврши увид дека тие договори се однесуваат на барања поднесени за локација за која бил укинат ДУП и за кои самиот дал насоки да не се издаваат одобренија за градење, прво и второпријавените на 23.07.2025 на инвеститорите им издале Одобрение за градење, со што им овозможиле на инвеститорите противправно да се стекнат со право на изградба на објект во вредност од 10.427.518 денари.“
Но, пријавата не завршува тука. Во друг случај, две службенички од урбанизам, според полицијата, одобриле градба иако проектот не одговарал на важечкиот план. Наместо да го вратат на поправка, во октомври минатата година издале дозвола за објект вреден околу 212 илјади евра.
Пријавата опфаќа и две настрешници. За едната се тврди дека всушност била посебен објект на простор предвиден за зеленило и јавна површина, а за другата веќе имало решение да биде отстранета. И во двата случаи, полицијата тврди дека недостигале документи и не биле платени потребните давачки.
Новата кривична пријава доаѓа само неколку дена откако Врховниот суд ја укина пресудата по која Јакимовски заврши во затвор. Тој беше осуден на една година за бесправно градење при изградбата на општинската зграда во Карпош и во јули почна да ја издржува казната.
За второто дело „злоупотреба на службената положба“ Апелација претходно го врати случајот на повторно судење. Сега Врховниот суд ја укина и едногодишната затворска пресуда и целиот предмет го врати на ново судење.
Јакимовски, сепак, формално сè уште се води како затвореник, бидејќи одлуката на Врховниот суд сè уште не била доставена до затворот во Шутка.










