Моторџиите веќе се во фокусот на проектот ,,Безбеден град” – на 26 август системот регистрирал девет прекршоци за брзо возење и тоа во текот на првиот ден откако системот го регистрира и казнува овој прекршок за сите оние кои управуваат со мотоцикли.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, објасни дека од претходно постоел технички проблем со детекција на мотоциклистите, бидејќи камерите за мерење на брзината ја регистрираат предната страна на возилото, додека регистерската табличка кај мотоциклите се наоѓа на задната страна.
„Проблем беа оние што глумат дека се моторџии бидејќи вистинските моторџии ги почитуваат сообраќајните правила, носат кацига итн. Имавме технички проблем како да ги детектираме при еден од прекршоците што автоматски го детектираме, а тоа е брзината. Зошто? Од едноставна причина што камера за брзина детектира предна шасија, предна страна на возилото, а регистрацијата е на задната страна на моторот“, вели тој.
Но, со поставување на соодветната опрема на клучните локации веќе се бележат првите резултати.
„Го решивме и тој дел територијата на Македонија, каде првично сметавме дека има најдобри услови да се постават, ги поставиме и мислам дека, првиот ден имаме констатирано некаде околу девет прекршоци за недозволена брзина од страна на оние што управуваат мотор и мислеа дека нема да може да бидат предмет на детекција на овој систем“, кажа Тошковски.
Тошковски соопшти дека на 26 август камерите на „Безбеден град“ почнале да ги детектираат и мотоциклите што возат со брзина поголема од дозволената.







