Рускиот претседател Владимир Путин денеска оцени дека постои „шанса“ за „мир“ со Украина, но повтори дека предупредувањата на Киев до авиокомпаниите да го избегнуваат рускиот воздушен простор претставуваат „државен тероризам“, објави „Си-ен-би-си“.
На крајот… проблемот мора да го решат земјите вклучени во конфликтот – Русија и Украина. Дали постои шанса (за мир)? Според мене, да, постои“, рече тој на Источниот економски форум во Владивосток, град на рускиот Далечен Исток.
Неговите изјави доаѓаат во време кога напорите за прекин на војната во Украина, која трае повеќе од четири години, се во застој, додека Киев и Москва остануваат поделени околу територијалните прашања, безбедносните гаранции и воената ориентација на Украина.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха денеска, во изјава што ја пренесе Ројтерс, рече дека очекува „нова динамика во мировните напори, со враќањето на активната фаза на политичкиот и дипломатскиот ангажман во многу престолнини низ светот“.
Досегашните напори на САД и на европските земји да ги доближат двете страни до договор не доведоа до решение. Тоа не се промени ниту по минатонеделната посета на директорот на ЦИА, Џон Ретклиф, на Москва, каде што, според медиумските извештаи, ја предупредил Русија да не презема чекори кон натамошна ескалација.
Меѓу позначајните интервенции на странски лидери беше и онаа на индискиот премиер Нарендра Моди, кој минатата недела го повика Путин да се откаже од „бескрајната војна“ и да се насочи кон постигнување мир со Украина.
Слична порака испрати и портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи, кој во средата во Пекинг изјави дека „дијалогот и преговорите се единственото одржливо решение за украинската криза“. Изјавата следува откако украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела го повика Пекинг да одигра „силна дипломатска улога“ во напорите за завршување на војната.







