Основниот кривичен суд Скопје определи притвор до 30 дена за двајца осомничени во истрагата против кумановската група осомничена за перење пари и изнуда. За трет осомничен е одреден куќен притвор, додека четвртиот ќе биде под мерки на претпазливост.
Одлуките ги донел судија на претходна постапка, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, по сослушувањето на осомничените во присуство на нивните бранители.
Притвор во траење до 30 дена им е определен на Драган Петровски – Штука и М.К. поради опасност од бегство, можност за повторување или довршување на кривичното дело, како и опасност од попречување на истрагата преку влијание врз сведоци.
За Л.К. е определен куќен притвор, додека за Д.Ж. се одредени мерки на претпазливост, односно одземање на патната исправа и забрана за издавање нова, со цел да не ја напушти државата.
Со предлогот на обвинителството било опфатено и петто лице, кое во моментот е недостапно за органите на прогонот.
Случајот се однесува на истрага против четири лица за кои постои сомнение дека биле дел од злосторничко здружување за вршење кривични дела перење пари и изнуда.
Голема полициска акција во Куманово, уапсен Драган Петровски – Штука








