Основното јавно обвинителство Кочани достави предлог за определување мерка притвор за Ива Михајлова, против која се води судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици. Предлогот следува откако Министерството за внатрешни работи (МВР) го известило судот дека таа не била пронајдена на пријавената адреса на живеење и не се јавила во судот, како што ѝ било наложено.
„Известен е јавен обвинител од страна на судот утрово, и веднаш до судот е доставен предлог за определување мерка притвор“, изјави Спиро Борисов, претседател на Основниот суд во Кочани.
Од Јавното обвинителство посочуваат дека судот може да постапи и по службена должност.
Михајлова синоќа се појави во Бугарија, од каде што соопшти дека границата меѓу двете држави ја преминала легално. Сепак, според официјалните проверки на надлежните институции во Македонија и Бугарија, не е евидентирано нејзино излегување од Македонија, ниту легално влегување во Бугарија.
Од Обвинителството информираат дека уште на 9 октомври 2025 година, по предлог на јавен обвинител, на Михајлова ѝ биле одземени македонскиот и бугарскиот пасош. Дополнително, ѝ била изречена забрана за преминување на државната граница со лична карта, забрана за напуштање на Кочани, како и обврска редовно да се јавува кај службено лице.
Дополнителни прашања отвори и изјавата на нејзиниот адвокат, кој рече дека нема да открие преку кој граничен премин поминале, за да не им создаде проблеми на луѓето што им помогнале.
Случајот против Михајлова во меѓувреме стана и политичко прашање меѓу Скопје и Софија. Михајлова, која има македонско и бугарско државјанство, е обвинета за тешко дело против безбедноста во сообраќајот по несреќата на патот Кочани–Штип, во која загина едно лице, а повеќе беа повредени. Таа ја оспорува вината, а во текот на судската постапка побара да замине на лекување во Бугарија.








