Неформалната иницијатива „Ниту една повеќе!“ организира протестен марш во недела, 8 ноември, со почеток во 12 часот во паркот „Жена Борец“ во Скопје, против фемицидите, институционалното насилство и неказнивоста.
Повод за протестот е и убиството на 17-годишната Билјана Кириќ од Богданци, која, според организаторите, претходно пријавила насилство и закани по живот, а биле изречени и мерки за заштита.
„Билјана е девојче од 17 години. Пријавила насилство и закани по живот. Биле изречени мерки за заштита. Денес е мртва“, наведуваат од иницијативата, посочувајќи дека случајот повторно ги отвора прашањата за институционалното непостапување, задоцнетите реакции и недоволната заштита на жените и девојките.
Организаторите потсетуваат и на имињата на други жени и девојки кои биле жртви на фемицид – Рамајана, Росица, Танкица, Ивана и Катја, прашувајќи уште колку жртви се потребни за институциите да преземат одговорност.
Протестниот марш ќе започне од паркот „Жена Борец“, ќе продолжи покрај Собранието и Министерството за правда, а ќе заврши пред Министерството за образование и наука.
Од иницијативата бараат целосна и транспарентна истрага за убиството на Билјана и утврдување одговорност за сите институционални пропусти, како и итно поднесување и усвојување на измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, кои биле поднесени во Собранието во август.
Меѓу барањата се и враќање на поимот род во законите, упатствата и програмите од кои бил избришан, како и разрешување од јавни и раководни функции на лицата кои повикуваат на контрола врз жените или го оправдуваат и нормализираат насилството врз нив.
„Не бараме сочувство. Бараме одговорност“, порачуваат организаторите.
Од иницијативата нагласуваат дека протестот е граѓански и не е простор за партиска промоција. Поради тоа, политичките претставници, партиските обележја, знамињата и настапите не се добредојдени.








