Вкупно 14,2 милијарди денари се повлечени за финансирање инвестиции и развој на домашните компании преку кредитната линија од 250 милиони евра, покажува ревизијата на Државниот завод за ревизија (ДЗР). Најголем дел од средствата се насочени кон производствениот сектор, кој добил 6,29 милијарди денари, односно околу 44 проценти од вкупниот износ.
Ревизијата се однесува на одобрените кредити во периодот од јануари 2025 до февруари 2026 година. Во тој период биле одобрени 767 инвестициски проекти во вкупна вредност од околу 14,26 милијарди денари.
Според податоците на ДЗР, малите претпријатија се најзастапени според бројот на одобрени проекти, со 455 инвестиции, што претставува 59 проценти од вкупниот број. Сепак, најголем финансиски износ добиле големите компании, за кои биле одобрени 4,72 милијарди денари за реализација на 94 проекти.
По производството, значителен дел од средствата биле насочени кон трговијата, со 3,5 милијарди денари, додека транспортниот сектор добил 1,45 милијарди денари. За градежништвото биле одобрени околу 988 милиони денари.
Анализата на намената на инвестициите покажува дека 6,62 милијарди денари биле предвидени за градежни објекти, а 5,48 милијарди денари за набавка на современа опрема. Дополнително, околу 1,6 милијарди денари биле насочени кон премин кон обновливи извори на енергија, а 545 милиони денари за обновување на транспортните средства.
Кредитната линија се реализира преку 12 комерцијални банки, а компаниите можат да добијат кредити до 10 милиони евра, со рок на отплата до 15 години и грејс-период до три години. Каматната стапка е фиксна и изнесува 1,95 проценти, без дополнителни надоместоци за одобрување и управување. Компаниите треба да обезбедат сопствено учество од најмалку 20 проценти од вредноста на инвестицијата.
ДЗР заклучува дека управувањето и распределбата на средствата од страна на Развојната банка на Северна Македонија се во согласност со релевантната законска рамка. Во рамките на ревизијата биле проверени 123 проекти со вкупна вредност од околу 7,33 милијарди денари, што опфаќа 52 проценти од повлечените средства до февруари 2026 година.
Инвестицискиот циклус продолжил и во март и април 2026 година, кога биле одобрени средства за дополнителни 15 проекти во вредност од околу 168 милиони денари.







