Премиерот Христијан Мицкоски во Њујорк оствари средба со американскиот државен секретар Марко Рубио, на која биле разменети ставови за прашања од заеднички интерес и за натамошно унапредување на односите меѓу Македонија и САД.
Мицкоски по средбата објави фотографии и порача дека разговорите претставуваат потврда на значењето на стратешкото партнерство и континуираниот политички дијалог со Соединетите Американски Држави. На средбата со него бил и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
„Директната комуникација на високо политичко ниво е важна можност за размена на ставови за прашањата од заеднички интерес, за продлабочување на билатералните односи и за натамошно зајакнување на нашата позиција како стабилен и доверлив сојузник“, наведе Мицкоски.
Тој додаде дека во период на сериозни геополитички предизвици, силните партнерства и отворениот дијалог со стратешките сојузници имаат особено значење.
„Македонија има јасни државни интереси и продолжува достоинствено и принципиелно да ги застапува заедно со нашите стратешки партнери. Продолжуваме да го јакнеме македонско-американското стратешко партнерство и да создаваме нови можности“, порача премиерот.
Средбата со Рубио е дел од пошироката посета на Мицкоски на САД, во рамки на која македонската делегација имаше средби со американски конгресмени и претставници на финансискиот и економскиот сектор. Во фокусот на дел од разговорите беа можностите за нови инвестиции, особено во енергетиката, високите технологии и други стратешки области.








