Македонскиот проект ding.mk освои регионално признание на јубилејното 15. издание на натпреварот „Зелени бизнис идеи од Балканот 2026“, што од 3 до 5 ноември се одржа во Призрен, Косово. Станува збор за паметен систем кој со помош на сензори и вештачка интелигенција им помага на компаниите да ја намалат потрошувачката на енергија, да спречат дефекти на машините и да ги унапредат производствените процеси.
Зад идејата стојат Благојче и Александар Количовски од Битола. Нивниот систем овозможува постојано следење на работата на опремата, рано откривање потенцијални проблеми и автоматизација на одредени процеси. На тој начин компаниите можат навреме да реагираат, да ги избегнат непотребните загуби и да го продолжат работниот век на постојните машини, наместо да ги заменуваат со нови.
„Искрено сме среќни и горди што нашата идеја ДИНГ е препознаена и наградена на Balkan Green Ideas 2026. Ова признание за нас претставува огромна мотивација и потврда дека технологијата и иновациите можат да имаат позитивно влијание врз животната средина и начинот на кој работат бизнисите“, изјави Благојче Количовски.
Тој посочи дека главната цел е да им се помогне на компаниите да ја намалат потрошувачката на енергија, да спречат непотребни загуби и поефикасно да ги користат ресурсите и опремата со кои веќе располагаат.
Покрај македонскиот проект, меѓу регионалните победници се најдоа и Teshat.com од Косово, платформа која овозможува поправка, преработка и повторна употреба на облека, како и Laneno од Босна и Херцеговина, бренд за постелнини кој користи полнење изработено од рециклиран текстил.
На натпреварот учествуваа претприемачи од шест земји од Западен Балкан, чии идеи се насочени кон заштита на животната средина, циркуларна економија и одржлив развој. За најдобрите решенија беа предвидени грантови од 5.000 и 10.000 долари.
Македонија на регионалниот настан ја претставуваа и Коста Богучевски со „Урбана фарма“, проект за вертикално одгледување микрозеленчук, како и Благојче Најдовски од „Медотека Најдовски“ со производот „Premium Protein from Waste“ – протеинска лимонада добиена од нуспроизводи при преработка на ореви.
Од здружението АРНО, кое го администрира натпреварот во Македонија веќе 12 години, истакнаа дека овогодишните учесници покажале дека домашните претприемачи можат да понудат решенија со конкретно влијание врз општеството и животната средина. Катерина Панова Матоска посочи дека годинава за првпат бил воведен и задолжителен слајд со јасни и мерливи показатели за влијанието на секоја идеја.
Со ова признание, ding.mk се приклучува на групата македонски зелени бизниси кои добиле поддршка преку регионалната иницијатива, чија цел е развој на иновативни и одржливи претпријатија.








