Македонија е меѓу земјите во кои биле идентификувани осомничени кол-центри поврзани со меѓународна мрежа за инвестициски измами, чии потенцијални жртви се наоѓаат во најмалку 50 земји. Во акцијата предводена од германските истражни органи биле запленети повеќе од 100 сервери, а приведени се седум осомничени, за кои е предвидена екстрадиција во Германија.
Според информациите објавени од Европол, истрагата открила мрежа која преку лажни интернет-платформи за тргување со криптовалути, девизи и акции измамувала граѓани, убедувајќи ги да ги вложат своите заштеди. Освен во Северна Македонија, осомничени кол-центри биле идентификувани и во Албанија и Косово.
Во центарот на истрагата е компанија осомничена дека обезбедувала лажни платформи за тргување на криминални групи, функционирајќи според моделот „криминал како услуга“. Компанијата наводно била поврзана со оператори на кол-центри кои контактирале потенцијални жртви и ги убедувале да вложуваат сè поголеми суми пари. Истражителите проценуваат дека штетата надминува четири милиони евра.
Измамата започнувала со интернет-реклами кои ветувале брза и висока заработка од инвестирање. Заинтересираните граѓани биле насочувани кон лажни платформи, по што нивните лични податоци биле продавани на криминални групи што управувале со кол-центрите.
Операторите потоа ги контактирале граѓаните претставувајќи се како брокери и нудејќи им инвестициски можности. На почетокот ги убедувале да уплатат помали суми, а на нивните кориснички сметки прикажувале фиктивна добивка за да создадат впечаток дека инвестицијата е успешна.
Откако ќе ја стекнеле нивната доверба, ги притискале да вложуваат повеќе пари. Кога жртвите се обидувале да ги повлечат средствата, операторите ги одложувале исплатите, а на крајот целосно го прекинувале контактот.
Истрагата започнала во 2022 година, откако брачен пар од Германија пријавил дека не може да ги повлече парите вложени преку интернет-платформа за тргување. Претходните меѓународни акции во 2022 и 2025 година довеле до апсења и запленување докази, врз основа на кои истражителите ја откриле инфраструктурата зад измамите и нејзините врски со кол-центрите.
Во најновата акција биле извршени претреси на 17 локации, при што биле одземени сервери, други докази и имот. Уапсени се седум осомничени лица за кои се бара екстрадиција во Германија.
Во операцијата учествувале истражни и судски органи од Германија, Албанија, Кипар, Финска, Израел, Косово и Северна Македонија, со поддршка на Европол и Евроџаст.
Европол обезбедил анализа на собраните податоци и координација меѓу националните истражни тимови, додека Евроџаст помогнал во спроведувањето на меѓународните истражни и судски мерки.








