Граѓаните од четврток ќе можат да ги користат личната карта и возачката дозвола во дигитална форма, преку новата апликација за електронски паричник. Нејзината официјална промоција е најавена за среда, 28 октомври, соопшти министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Апликацијата ќе овозможи побрза и побезбедна идентификација, при што граѓаните сами ќе одлучуваат кои лични податоци ќе ги споделат. Наместо да ја покажуваат целата лична карта, ќе можат да ги изберат само потребните информации преку QR-код за еднократна употреба, кој ќе важи од 10 до 15 секунди.
„Ова е почеток на еден процес што треба да нè доведе до европскиот дигитален паричник, кој ќе значи целосна дигитализација на документите. Ова е одличен почеток затоа што основните податоци од личната карта и возачката дозвола ќе им бидат достапни на граѓаните“, изјави Андоновски.
Тој најави дека во иднина, паралелно со развојот на мобилниот паричник, ќе се додадат и нови услуги, можности и документи за граѓаните.







