Министерството за дигитална трансформација денеска ја промовираше мобилната апликација m.Uslugi, преку која граѓаните ќе имаат пристап до електронски документи, дигитален идентитет и јавни услуги директно од мобилниот телефон.
Апликацијата е бесплатна, а нејзиното користење е доброволно. Како што информираше министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, една од првите функционалности е можноста за додавање електронска лична карта во дигиталниот паричник на корисникот.
Предвидена е и опција за селективно споделување лични податоци. Тоа значи дека, на пример, при потврдување на полнолетство, корисникот ќе може да ја сподели само информацијата за возраста, без да ги открива адресата и останатите податоци од личната карта.

Од Министерството најавуваат дека апликацијата ќе се надградува со нови функционалности. Во следните фази се планира воведување електронски плаќања, како и можност за пристап до дополнителни документи, меѓу кои изводи, уверенија и дипломи.
Андоновски посочи дека апликацијата нема да ги укине досегашните начини за комуникација со институциите, туку ќе биде дополнителна можност за користење на јавните услуги.







