Најмалку 26 лица загинаа, а петмина се повредени во руски воздушен напад врз објект што се користел за дистрибуција на хуманитарна помош во селото Комишуваха, во југоисточниот украински регион Запорожје. Меѓу загинатите има двајца припадници на спасувачките екипи и четворица полицајци, соопштија украинските служби за итни случаи.
Нападот бил извршен во понеделникот, кога локалното население се собрало за да подигне пакети со хуманитарна помош. Руските сили првично ја погодиле училишната зграда во која се организирала дистрибуцијата, а потоа следувал и втор напад врз засолништето во кое се засолниле луѓето по првичните експлозии.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека по првиот напад биле фрлени уште девет воздушни бомби врз засолништето.
„Русите прво нападнаа токму кога луѓето пристигнуваа – со неколку воздушни бомби. Потоа следуваше втор напад, повторно со воздушни бомби, овојпат врз засолништето каде што луѓето се криеја. Одвратен терористички напад“, изјави Зеленски.
Тој оцени дека нападот е доказ оти Москва не е заинтересирана за намалување на тензиите и за продолжување на хуманитарните активности.
„Доколку Русија навистина сакаше деескалација, имаше можност по случувањата во Олешки да продолжиме со хуманитарните активности. Ние го предложивме тоа, но Русија продолжува да убива луѓе“, порача украинскиот претседател.
Според локалните власти, спасувачките екипи продолжиле со пребарување на урнатините во потрага по преживеани. Напорите биле дополнително отежнати поради нови напади со руски беспилотни летала во областа. Се стравува дека бројот на жртви може да порасне, а во првичните информации се наведуваше дека десетици лица се водат како исчезнати.
Нападот се случи непосредно по завршувањето на шестдневното локално примирје во регионот Херсон, кое овозможи доставување хуманитарна помош и евакуација на цивили од руската окупација во градот Олешки.
Украинските власти се надеваа дека оваа хуманитарна операција може да послужи како пример за слични договори во иднина, но новиот напад дополнително ги намали надежите за напредок во преговорите за прекин на војната.
Во меѓувреме, се очекува продолжување на разговорите меѓу Украина, Русија и САД, кои, според најавите, треба да се одржат во Абу Даби на 10 и 11 ноември.








